Путин – Русија ќе напаѓа нови мети ако на Украина и се испорачаат ракети со долг дострел

Претседателот на Русија, Владимир Путин

Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска предупреди дека Москва ќе напаѓа нови мери, доколку Западот и достави на Украина ракети со долг дострел. Тој оценува дека сегашното снабдување на Украина со оружје има за цел да го продолжи конфликтот.

„Ако на Украина и бидат испорачани ракети со долг дострел ние тогаш ќе извлечеме соодветни заклучоци и ќе употребиме наше оружје за да погодиме локации кои досега не сме ги напаѓале“, изјавил Путин во интервју, кое во целост ќе биде објавено вечер на телевизијата Русија еден.

Тој не прецизира до кој домет Москва ќе реагира, ниту пак што би можело да биде цел на нападите.

САД пред неколку денови одлучија да и испорачаат на Украина ракетни системи Химарс, со домет до околу 80 километри.

Воените експерти наведуваат дека тој домет е малку поголем од оној на аналогните руски ракетни системи што би овозможило Киев да цели кон руската артилерија, но да остане надвор од нивниот домет.

Претседателот на САД, Џо Бајден, во понеделникот рече дека нема д аи испраќаат на Украина ракетни системи со долг домет со кој може да се погодат цели во Русија, иако Киев неколкупати досега бараше такво оружје.

Путин оцени дека засега нема ништо ново во американското наоружување на Киев, додавајќи дека украинските сили веќе имаат слично системи од советско или руско производство, како што е системите Град, Смерч или Ураган.

„Дометот на проектилите не зависи од самиот систем, туку од ракетата што се користи“, вели Путин.

Тој оценува дека испораката на западно оружје на Украина има една цел, а тоа е продолжување на вооружениот конфликт што е можно подолго.

Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари.