Г. Г. Стефан: Врачувањето на томосот е правда за Охрид

Архиепископот на МПЦ-ОА Стефан и српскиот патријарх Порфириј во Соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје на 24 мај 2022

Со денешниот чин е потврдена реалноста за автокефалниот статус на возобновената Охридска архиепископија како Македонска православна црква, рече денеска поглаварот на МПЦ-ОА, Г.Г. Стефан.

Патријархот на СПЦ Порфириј претходно му го врачи томосот за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА на архиепископот Стефан по заедничката архиерејска литургија која ја служеа во Соборната црква во Белград со владици од двете цркви.

СПЦ ја објави одлуката на 24 мај во Скопје со што се стави крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

Г.г Стефан денеска потенцираше дека процесот продолжува со посетата на Вселенската патријаршија, каде на Педесетница (Духовден, 10 јуни) ќе има литургија со Вселенскиот патријарх, по што се надева дека и останатите православни цркви ќе ја прифатат автокефалноста на МПЦ-ОА.

Тој дополни дека ова не е само документ со кој се отвора нова страница на вековната Охридска црква, туку е документ со кој се потврдува историјата на таа древна црква, и сите нејзини времиња и невремиња.

Во документот со кој Српската православна црква (СПЦ) ѝ доделува автокефален статус на Македонската православна црква - Охридската архиепископија се наведува дека тоа е полна автокефалност и дека се однесува на матичната земја каде што делува МПЦ како и на дијаспората.

Патријархот Порфириј рече дека со тоа се потврдуваат претходните одлуки на Соборот на СПЦ за статусот на сестринската црква, и дека документот ќе биде доставен и до другите православни цркви.

Порфириј порача дека црквата не може да биде оружје и дека не е оружје за постигнување други цели.

Тој нагласи и дека оваа одлука нема да влијае на другите канонски области на СПЦ, бидејќи, како што рече, условите во Македонија се различни отколку во другите делови на СПЦ.

Со овој чин на СПЦ се отвори и процесот за стекнување на Томос за автокефалност, кој двете сестрински цркви очекуваат да биде доделен од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј.