Запален бугарскиот културен центар Ванчо Михајлов во Битола

Бугарскиот премиер Кирил Петков и потпретседателката Илијана Јотова на отворањето на Културниот клуб во Центарот Ванчо Михајлов во Битола

Непознати сторители ноќеска го запалиле влезниот дел од бугарскиот Центар за култура Ванчо Михајлов во Битола. Полицијата и Обвинителството утринава извршија увид.

„Првичните наоди од увидот упатуваат дека е опожарен влезниот дел од објектот. Подигнати се траги од лице место за кои јавниот обвинител издаде наредба за вештачење“, се наведува во денешното соопштение од Јавното обвинителство.

Со цел откривање на сторителот, јавниот обвинител веднаш ќе издаде и наредби за обезбедување на снимките од безбедносните видео камери на самиот објект, но и на околните објекти.

Присуството на бугарскиот државен врв на отворањето на Културниот клуб во Центарот Ванчо Михајлов во Битола предизвика жестоки реакции во македонската јавност, со оглед на тоа што Михајлов, родум од Штип, во Втората светска војна бил соработник на фашистите. Тој тврдел дека Македонците се дел од бугарскиот народ.