Чад прогласи вонредна состојба поради кризата со храна

Илустрација: Семејството Абубакар од кампот Бреидџинг во Чад

Чад, кој според податоците на ОН, е трета најнеразвиена земја во светот, прогласи вонредна состојба поради нерамнотежата во снабдувањето со храна како резултат на војната која Русија ја почна против Украина на 24 февруари.

Во декретот, кој го потпиша Махамат Идрис Деби Итно, претседател на владејачкиот Воен совет, е наведена опасноста за растечкото население ако не се пружи хуманитарна помош, вклучително и во храна.

„Владата ги повикува сите национални актери и меѓународни партнери да му помогнат на населението“, се наведува во уредбата.

ОН предупредија дека на 5,5 милиони луѓе во Чад, повеќе од една третина од населението, ќе им треба хуманитарна помош оваа година.

Светската програма за храна во март процени дека 2,1 милиони жители на Чад ќе бидат „сериозно несигурни во поглед на храна“ во тек на слабата сезона која почнува во јуни.

Руската инвазија врз Украина и санкциите на Западот против Москва ја пореметија испораката на пченица и други производи од двете земји, што предизвика загриженост поради ризикот од глад во светот.

Околу 30 отсто од светската понуда на пченица доаѓа од Украина и од Русија.

Цените на храната во Африка веќе ги надминаа и оние по Арапската пролет од 2011 и нередите во врска со храната од 2008 година.