Украина вели дека разузнавачките служби се во комуникација со заробените војници од Азовстал

Комплексот Азовстал зад уништени станбени згради

Украина соопшти дека разузнавачките служби на земјата се во комуникација со заробените борци од Азовстал и дека Киев прави сè што може за да обезбеди нивно ослободување.

Судбината на стотици војници заробени од руските сили по напуштањето на комплексот челичарници во Мариупол е неизвесна.

„Преку разузнавачките служби дознавме за условите во притворот, исхраната и можностите за нивно ослободување“, рече министерот за внатрешни работи Денис Монастирски за украинската телевизија доцна синоќа.

Тој рече дека украинските власти прават сè што можат за да обезбедат нивно ослободување.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Сопруги на војници од Азовстал раскажуваат за „ужасите“ од опсадата

Русија соопшти дека околу 2500 украински војници од фабриката се однесени во заробеништво.

Украинските претставници и родници на војниците ја повикаа Москва да ги третира војниците како воени заробеници. Киев сака да се вратат дома преку размена на заробеници.

Некои високи руски претставници побараа на дел од војниците да им се суди. Кремљ соопшти дека борците кои се предале ќе бидат третирани според меѓународните стандарди.

Русија на 20 мај соопшти дека нејзините сили ја презеле целосната контрола врз огромната фабрика по неколкунеделните интензивни борби во градот.

Украина го опиша повлекувањето од Азовстал како дозволена „евакуација“, наместо како предавање.