Копретседателот на партијата Демократска Бугарија, која е дел од бугарската владејачка коалиција, Атанас Атанасов, изјави дека за тоа дали ќе биде тргнато ветото на Бугарија за Северна Македонија ќе одлучува Народното собрание.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Атанасов за БТВ рече дека како поддржувач на евроатлантските убедувања, смета дека Бугарија треба да биде опкружена со сојузници. Бугарија е заинтересирана за прием на Северна Македонија во ЕУ, но според него во моментов нема услови за такво нешто.
Атанасов смета дека и самата Северна Македонија не покажала конструктивно однесување, а и во Народното собрание нема мнозинство за да се случи тоа.
- Петков: Не сум го видел францускиот план за Северна Македонија
- Радев-Нема напредок меѓу Софија и Скопје, затоа нема да одам во Париз
Претходно денеска бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека лично не го видел планот на Франција за посредување за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
„Јас лично не сум видел ништо црно на бело,“ рече Петков во одговор на прашање на БНР.
Петков додаде дека Бугарија отсекогаш била отворена и подготвена да разговара со сите европски партнери доколку имаат значајни предлози, но тие мора да бидат во рамковната позиција на Бугарија. Што и да се направи, според Петков, мора да се потврди преку рамковниот став на Бугарија, а да помине и низ бугарскиот Парламент.