Бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека лично не го видел планот на Франција за посредување за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
„Планот на Франција, јас лично не сум видел ништо црно-бело,“ рече Петков во одговор на прашање на БНР.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков додаде дека Бугарија отсекогаш била отворена и подготвена да разговара со сите европски партнери доколку имаат значајни предлози, но тие мора да бидат во рамковната позиција на Бугарија. Што и да се направи, според Петков, мора да се потврди преку рамковниот став на Бугарија, а да помине и низ бугарскиот Парламент.
Вчера бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека нема напредок по отворените прашања меѓу Софија и Скопје и затоа нема да замине во Париз за ад се сретне со претседателот Макрон.
Македонија очекува одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамките на преговорите за членство, одобрени од страна на сите земји членки во март 2020, но Бугарија продолжува да го блокира процесот поради билатерални прашања.