По неколку неделни жестоки битки руските трупи се на чекор до целосно освојување на источниот украински град Северодонецк. Во меѓувреме Вашингтон излезе со предупредување дека конфликтот во Украина може да трае со месеци.
Покрај САД и Германија, и Велика Британија најави дека ќе и испрати на Украина напредни вооружени системи за да помогне во одбраната од Русија.
ХИМАРС: Американскиот ракетен систем кој се испраќа во Украина
Во индустрискиот центар Северодонецк, кој стана примарна цел на Москва во нејзината офанзива во источна Украина, регионалниот шеф на воената администрација Серхи Хејдеј изјави дека 80 отсто од градот сега е под руска контрола.
„Уличните борби продолжуваат“, напиша Хејдеј на социјалната платфорна Телеграм, ветувајќи дека украинските сили „ќе се борат за Северодонецк до крај“.
Портпаролот на украинското министерство за одбрана Олександер Мотузијаник изјави дека има борби на улиците во Северодонецк и дека Русите стигнале до центарот на градот, но „украинските вооружени сили активно им пружаат отпор“.
Русите го контролираат поголемиот дел од Северодоњецк, Киев го чека напредното оружје
Хејдеј предупреди дека голем број цивили се засолнуваат од руското гранатирање под хемиската фабрика во Северодонецк и властите стравуваат дека во неа сè уште има залихи на опасни материјали.
Британското разузнавање во својот дневен билтен посочи дека Русија ја презела контролата врз поголемиот дел од Северодонецк. Во нивниот извештај е посочено дека главниот пат кон градот „веројатно“ останува под украинска контрола, но Русите остваруваат постојани придобивки со помош на тежок артилериски оган.
Претседателот Володимир Зеленски повторно ја нарече ситуацијата на истокот „многу тешка“, истакнувајќи дека Украина губи од 60 до 100 војници секој ден, а околу 500 се ранети во акција.