Бројот на загинати во земјотресот во Кина се искачи на четири

Архивска фотографија - Спасувачки работници во Кина носат преживеан по земјотрес во округот Џиужаигу, префектурата Нгава во провинцијата Сечуан. 9 август 2017 година.

Најмалку четири лица загинаа во два земјотреси, додека голем број куќи во југозападната кинеска провинција Сечуан беа оштетени, објавија денеска локалните власти и државните медиуми.

Најмалку 14 лица се повредени, а едно лице е тешко повредено, јави државната телевизија ЦЦТВ.

Земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала ја потресе југозападна Кина и предизвика лизгање на земјиштето, соопштија денеска кинеските власти.

Епицентарот на земјотресот бил во областа Лушан во провинцијата Синчуан, соопшти кинеското биро за земјотреси.

Властите започнаа план за итни случаи, а според очевидци, спасувачките екипи се испратени во зоната на катастрофата, заедно со членовите на Народноослободителната армија на Кина.

Противпожарната служба во Сечуан соопшти дека некои куќи биле оштетени, а повеќе од 1.400 спасувачи биле испратени во областа.

Управата за југозападната железница соопшти дека некои делови од пругата се затворени, што предизвикало доцнење на патничките возови.

Најразорниот земјотрес во Кина во последните години беше со јачина од 7,9 степени според Рихтеровата скала во 2008 година, при што загинаа речиси 90.000 луѓе во Сечуан.