Европската комисија потврди дека Хрватска ги исполнила условите за еврото

Илустративна фотографија.

Европската комисија (ЕК) денеска потврди дека Хрватска ги исполнила сите услови за воведување на еврото како државна валута и дека со тоа може да започне од 1 јануари 2023 година.

ЕК објави извештај за конвергенција која се однесува на подготвеноста на земјите-членки да го прифатат еврото како своја национална валута.

Хрватска е единствената земја која годинава ги исполни сите неопходни критериуми. ЕК разгледа и други земји кои се членки на Европската унија (ЕУ) и не се дел од еврозоната. Меѓу земјите кои беа резгледувани се Шведска, Чешка, Унгарија, Бугарија и Романија, но не добија зелено светло.

Претседателката на Европската комисија, Урусла ван дер Лајен оцени дека Хрватска направила значаен чекор кон усвојување на заедничка европска валута.

„Помалку од една деценија по пристапувањето во ЕУ, Хрватска сега е подготвена да се приклучи на еврозоната на 1 јануари. Ова ќе ја направи хрватската економија посилна, што ќе донесе придобивки за нејзините граѓани, бизнисите и општеството во целина. Воведувањето на еврото во Хрватска ќе го зајакне и еврото“, рече Фон дер Лајен додавајќи:

„Дваесет години по воведувањето на првите банкноти, еврото стана една од најмоќните валути во светот, подобрувајќи го животот на милиони граѓани ширум Унијата“, изјави таа.

По оваа потврда, се очекува процесот за усвојување на еврото како државна валута во Република Хрватска да помине низ формалностите како донесување на одлука на Советот на ЕУ и гласањето во Европскиот парламент. Со мислење ќе излезе и Европската централна банка.

Овие постапки се очекува да бидат преземени во јули.

Европската комисија издава таканаречен „извештај за конвергенција“ на секои две години или кога има конкретно барање од некоја земја-членка да се оцени нејзината подготвеност за влез во еврозоната.

Сите земји-членки, освен Данска, законски се обврзаа да влезат во еврозоната. Данска преговараше за изземање во Договорот од Мастрихт и затоа не е опфатена во извештајот на ЕК.