Шаќири- Со ребалансот се предвидени повисоки плати во високото образование

Архивска фотографија, Министерот за образование Јетон Шаќири на средбата со СОНК

Отворен сум за соработка со репрезентативниот синдикат за високото образование, како што имавме и социјален дијалог за основно и за средно образование, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири во врска со најавениот протест на професорите од УКИМ. Тие бараат потпишување на Колективниот договор и зголемување на платите.

Министерот изјави дека со ребалансот на буџетот е предвидено повисоки плати за високото образование да имаат од септември, дека средствата се предвидени и таа постапка е почната од неговата претходничка Мила Царовска.

„Тие најавија дека ќе имат мирен протест првиот ден, потоа очекувам, идната недела, да имаме состанок за да видиме пред јунската сесија да немаат последици студентите и да има разбирање за овој процес“, изјави денеска Шаќири одговарајќи на новинарско прашање при посетата на ОУ „26 Јули“ во општина Шуто Оризари.

Тешко до наука без пари, само со ентузијазам и странски проекти

Во однос на можен бојкот на јунската испитна сесија, Шаќири изјави дека како и за штрајкот во училиштата, така и за ова е против закани за прекин на наставата.
„И ова не го гледам како добра постапка на синдикатот затоа што никогаш, ни од мене, ниту од Владата, не е кажано дека нема да има разговори и прекин на разговори и дека нема да имаат подобри услови“, рече Шаќири.

Тој додаде дека треба да се разговара за начините на финансирање, кои се различни на високообразовните институции, и дека ако добро се организираат буџетите може, како што рече, да се постигне поголем успех.