Кулеба ја предупреди Русија за опасностите од блокирање на извозот на храна

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја обвини Русија дека „игра игри со глад со светот блокирајќи го украинскиот извоз на храна“. Тој денеска на Твитер напиша дека Русија истовремено се обидува да ја префрли вината на Украина.

„Украина работи на меѓународна операција предводена од ОН со партнерите, која има за цел да обезбеди трговска рута без безбедносни ризици“, напиша Кулеба.

Еден ден претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Русија го спречила Киев да извезе 22 милиони тони жито со блокирање на украинските пристаништа.

Во своето редовно ноќно обраќање, Зеленски истакна дека житото блокирано од Русија било наменето да стигне до државите на Блискиот Исток и Африка, кои може да се соочат со глад доколку продолжи блокадата на украинските пристаништа.

Украинскиот претседател ја обвини Москва дека „намерно го создава овој проблем за цела Европа да се бори и Украина да изгуби милијарди долари“, додавајќи дека тврдењата на Москва дека меѓународните санкции наметнати врз Русија поради нејзината тековна неиспровоцирана инвазија врз Украина не и дозволуваат да извезува повеќе од нејзината храна се цинични и лажни.