Украина го заплени имотот на рускиот нафтен гигант „Татнефт“

Илустрација

Украина го заплени имотот на рускиот нафтен гигант „Татнефт“ во земјата заедно со имотот на поврзани компании.

Државното биро за истраги (ДБР) соопшти дека сите средства на Татнефт и компаниите финансиски поврзани со нафтениот гигант се запленети. Компаниите беа основани од Татнефт, за кои ДБР рече дека испорачуваат нафтени производи за потребите на руското Министерство за одбрана.

„Одземени се вкупно 115 недвижности, меѓу кои магацини за нафта, бензински пумпи, нестанбени згради, земјишни парцели и 118 камиони со гориво и возила“, соопшти ДБР, додавајќи дека одземениот имот може да вреди околу 65 милиони евра.

Во соопштението се наведува и дека запленетиот имот ќе биде предаден на Националната агенција за откривање, истрага и управување со имотот стекнат со корупција и други кривични дела, која ќе одлучи како ќе управува со нив.

Русија ја продолжува својата неиспровоцирана инвазија врз Украина што ја започна на 24 февруари. Татнефт, со седиште во Татарстан, е петта по големина руска нафтена компанија.