Петков: Не знам кој е поканет кај Макрон за темата Македонија

Не можам да потврдам кој е поканет, кој не е поканет. Темата е во рацете на дипломатите, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков пред новинарите во Брисел, а по објавите во бугарските медиуми дека тој и бугарскиот претседател наскоро ќе го посетат францускиот претседател Емануаел Макрон каде, како што пренесуваат дел од медиумите ќе разговараат за како да се тргне ветото за Македонија.

„Се врши многу голема работа на ниво на Министерствата за надворешни работи, за да се видат сите можности за напредок по темата за Северна Македонија. Не можеме да потврдиме ништо во однос на чекорите. Но она што го потврдувам, за да се избегнат секакви шпекулации, пред што и да се направи, независно што ќе се договорат дипломатите, се ќе оди низ Собранието и Собранието е последната инстанца и нема да има ништо тајно или скриено пред бугарскиот народ“, одговори Петков на новинарско прашање.

Тој во Брисел присуствува на вонредниот состанок на Советот на Европа во врска со новиот пакет санкции за Русија поради инвазијата врз Украина.

Македонија очекува одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамките на преговорите за членство, одобрени од страна на сите земји членки во март 2020, но Бугарија продолжува да го блокира процесот поради билатерални прашања. Европскиот пат на Македонија и Албанија оди во пакет, па оттука, бугарската блокада за почеток на македонските преговори доведе до застој и на евроинтегративните процеси на Албанија. Бугарија веќе две години ги блокира претпристапните преговори на Македонија за влез во Европската Унија.