Продолжен притворот на киргистански телевизиски директор поради новинарски извештај за руската војна во Украина

Киргистанскиот суд му ја продолжи мерката притворот на директорот на телевизискиот канал NEXT Талаи Дуишембиев, откако тој беше уапсен поради емитувањето на контроверзна репортажа во која соговорникот тврди дека постои договор меѓу Бишкек и Москва за испраќање војници за помош на Русија во војната против Украина.

Сопственикот на телевизијата, Равшан Јеенбеков, на Фејсбук објави дека окружниот суд Биринчи Маи во Бишкек на 29 мај донесе одлука за продолжување на притворот на Дуишембиев за еден месец. Првичната мерка притвор требаше да заврши на 3 јуни.

Четворица новинари на РСЕ нападнати по антивладините протести во Таџикистан

Државниот комитет за национална безбедност започна истрага против ТВ каналот на почетокот на март, обвинувајќи го за поттикнување меѓуетничка омраза.

Извештајот за кој станува збор го цитираше прогонетиот поранешен шеф на Комитетот за национална безбедност на соседен Казахстан, Алнур Мусаев, кој вели дека Киргистан и Таџикистан се согласиле да ја поддржат неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина со испраќање војници да и помогнат на Русија.

Засега нема докази за борби на таџикистански или киргистански војници во Украина од почетокот на инвазијата на 24 февруари.

Јеенбеков, го отфрли обвинението, инсистирајќи на тоа дека извештајот бил избалансиран бидејќи директно го цитирал Мусаев, а исто така дава и туѓи ставови за ова прашање.

Киргистанското Министерство за надворешни работи го отфрли извештајот и ги повика локалните медиуми да го засноваат своето известување за тековната војна во Украина исклучиво на официјални владини изјави.