Зеленски го отпушти шефот на службата за безбедност на Харкив

УКРАИНА - Претседателот на Украина Володимир Зеленски ги посети позициите на вооружените сили на Украина на линијата на фронтот за време на патувањето во регионот Харков, 29 мај 2022 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека го отпуштил највисокиот офицер на безбедносните служби на Харкив затоа што „не работел на одбраната на градот“ од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.

„Дојдов, разбрав и го отпуштив шефот на Службата за безбедност на Украина на регионот (Харкив) поради фактот што тој не работеше на одбраната на градот од првите денови на војната во полн обем, туку мислеше само за себе“, рече Зеленски во своето секојдневно обраќање до нацијата на 29 мај.

„Поради кои мотиви? Службениците за спроведување на законот ќе го сфатат тоа“, додаде тој без да наведе детали и без да го открие името на отпуштениот шеф на обезбедувањето.

Тој рече дека локалните власти „имаат 100 отсто соработка: армијата, полицијата, градоначалникот на Харкив, регионалната државна администрација.

„За жал, тоа не може да се каже за локалното раководство на Службата за безбедност на Украина“, рече тој.

Зеленски го објави ова неколку часа по посетата на североисточниот украински град кој е под закана од руска инвазија уште од првите денови на конфликтот.

Русија го продолжи бомбардирањето на Харкив, вториот по големина град во Украина, откако украинските борци ги потиснаа нејзините сили пред неколку недели.