Украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети Харкив за да се сретне со војниците кои се борат во тој клучен североисточен град.
Ова е првпат Зеленски да излезе од главниот град Киев, откако руските сили ја започнаа инвазијата врз Украина.
Претседателскиот кабинет на Украина на 29 мај објави дека Зеленски се сретнал со војниците на фронтот и одржал седница со локалните претставници, вклучувајќи го и градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов, регионалниот администратор Олех Синегубов и членовите на воената команда.
„Вие ги ризикувате своите животи за сите нас и за нашата земја“, им рекол Зеленски на војниците што се борат таму.
Неговата посета доаѓа откако Државната служба за итни случаи на Украина соопшти дека руското гранатирање предизвикало пожари околу Харкив, вториот по големина град во земјата.
Русија продолжи со бомбардирањето на Харкив откако украинските борци ги потиснаа нејзините сили од позициите во близина на градот пред неколку недели.
Кабинетот на претседателот соопшти дека Синегубов му рекол на Зеленски дека украинските сили постигнале одреден напредок во нивниот контранапад против најновата руска офанзива.
„Сè уште не сме во можност целосно да провериме некои од ослободените населби, бидејќи гранатирањето продолжува, или да извршиме целосно деминирање и да започнеме со обнова на критичната инфраструктура“, рекол Синегубов.
Синегубов додал дека руските сили оштетиле 2.229 високи згради, од кои 225 се целосно уништени. Северните и источните области на Харкив претрпеле најголема штета, при што е уништен повеќе од 30 отсто од станбениот фонд.
Бројките не можеа веднаш да се потврдат.