Продолжуваат руските напади за контрола на Северодонецк

Илустративна фотографија

Продолжуваат нападите на руските сили за контрола на Северодонецк, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина на 29 мај.

„Со употреба на артилерија, руските сили извршија јуришни операции во областа на градот Северодонецк“, се вели во соопштението на Генералштабот на својата Фејсбук страница.

Руската артилерија дејствуваше и на патот Лисичанск-Бахмут, кој Русија мора да го преземе за да го затвори движењето и да ги опколи украинските сили, а полицијата соопшти дека има „значително уништување“ во Лисичанск.

Британското Министерство за одбрана пак во својот дневен разузнавачки извештај соопшти дека доколку Русија успее да ги преземе тие области, Кремљ најверојатно тоа ќе го смета за „суштинско политичко достигнување“, кое може да го искористи за да ја оправда својата инвазија кај рускиот народ.

Истовремено, Државната служба за итни случаи на Украина соопшти дека руското гранатирање предизвикало пожари околу Харков, вториот по големина град во земјата.

Канцеларијата на регионалното обвинителство во Харков соопшти дека руска граната пробила низ просторијата на една куќа и ранила 50-годишен маж и 62-годишна жена во градот Золочив, околу 40 километри северозападно од Харков.