Денеска телефонски разговор Вучиќ-Путин

Србија - Српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот руски колега Владимир Путин присуствуваа на церемонијата на потпишување по нивните разговори во Белград на 17 јануари 2019 година.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска треба да разговара телефонски со претседателот на Русија, Владимир Путин.

Вучиќ на 25 мај во изјава за медиумите најави дека најважни теми на телефонскиот разговор со рускиот претседател ќе бидат количината на гас, цената и безбедноста на снабдувањето.

Телефонскиот разговор меѓу српскиот и рускиот претседател за новиот гасен аранжман доаѓа откако претходниот десетгодишен договор истече во декември 2021 година.

Србија е доминантно зависна од Русија во енергетскиот сектор, а монополот на пазарот на нафта и гас го има руската компанија Газпром.

Оваа компанија директно или преку своите подружници е мнозински сопственик на поранешниот домашен гигант на Нафтената индустрија на Србија. Таа е, исто така, единствениот снабдувач на гас за Србија и мнозинскиот сопственик на двата гасоводи кои доставуваат гас од Русија до домаќинствата и индустријата во Србија.

Испораката на гас беше главна тема на посетата на Вучиќ на Русија на 25 ноември 2021 година.

Тој тогаш по средбата со Путин изјави дека во следните шест месеци цената на рускиот гас за Србија нема да се менува и дека ќе биде 270 долари за илјада кубни метри.

Вучиќ тогаш рече дека со Путин разговарал за условите од новиот договор, дека нема право да зборува за детали додека не се потпише договорот, но изрази очекување Србија да биде „задоволна“ и дека цената ќе биде „ исклучителна“.

Според соопштението од Кремљ, Путин рекол дека ќе се најде „прифатливо решение“ за цената на рускиот гас за Србија.

Русија на 24 февруари започна инвазија на Украина, која, меѓу другото, го стави рускиот енергетски сектор под санкции на Европската унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД).

Финска на 21 мај потврди дека Русија ја прекинала испораката на гас за земјата откако нордиската земја одби да му плати на рускиот снабдувач Гаспром во рубли.

Русија претходно ги прекина испораките на гас за Полска и Бугарија, кои одбија да го платат ова гориво во рубли.