Путин е „подготвен“ да разговара за извозот на украинското жито во замена за укинување на санкциите

Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор на 28 мај им рекол на францускиот и германскиот претседател дека Русија е „подготвена“ да разговара за начините како да и се овозможи на Украина да го извезува житото кое е заглавено во нејзините пристаништа на Црното Море, соопшти Кремљ.

„Русија е подготвена да помогне да се најдат опции за непречен извоз на жито, вклучително и извоз на украинско жито од пристаништата на Црното Море“, им рекол Путин на францускиот претседател Емануел Макрон и на германскиот канцелар Олаф Шолц, соопшти Кремљ.

Но, прекинот на руската блокада на пристаништата Путин го условил со укинување на санкции од страна на Западот.

„Зголемувањето на понудата на руски ѓубрива и земјоделски производи, исто така, ќе помогне да се намалат тензиите на глобалниот пазар на храна, што, се разбира, ќе бара отстранување на соодветните санкции“, соопшти Кремљ.

Украина е еден од најголемите светски извозници на пченица, пченка и сончогледово масло, но руските сили во моментов ги блокираат пристаништата на Украина во Црното Море, загрозувајќи ги светските резерви на храна.

Меѓународната заедница ја повикува Русија да ги деблокира пристаништата и да дозволи извоз на украинско жито.

Путин, исто така, ги предупредил Макрон и Шолц да не го зголемуваат снабдувањето со оружје за Украина, велејќи дека тоа може дополнително да ја дестабилизира ситуацијата.

Постојаните испораки на оружје за Украина беа „опасни“, Кремљ го цитираше Путин, предупредувајќи „на ризиците од понатамошна дестабилизација на ситуацијата и влошување на хуманитарната криза“.