Косово и Албанија вратија дел од своите државјани од Сирија

Повратници од Сирија во камп во Косово, април 2019

Косово и Албанија во заедничка акција вратија неколку граѓани од воените зони во Сирија, потврди денеска косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свецла, но не го прецизираше точниот број на вратени косовски граѓани.

Од друга страна, властите од Албанија соопштија дека се вратени 13 нивни државјани, четири жени и девет деца.

Зборувајќи од аеродромот во Приштина, Свечља рече дека косовските власти ќе продолжат да соработуваат со властите од Албанија во ваквите акции.

„Нашите тимови од различни профили имаат многу работа да ги рехабилитираат поединците и оние кои се радикални, да ги дерадикализираат, да бидат дел од нашето општество, особено децата кои не се виновни за ситуацијата во која се наоѓаат“, рече министерот Свечља.

Оваа акција беше спроведена со поддршка на Соединетите Американски Држави (САД).

Во јули минатата година косовските власти вратија 11 граѓани од Сирија, меѓу кои и жени и деца.

Претходно во април 2019 година беа вратени 110 косовски државјани, жени, деца и четворица наводни борци од милитантната група на таканаречената Исламска држава.

Од 2012 година, околу 400 косовски граѓани заминале да се борат во Сирија и Ирак на страната на таканаречената Исламска држава.