Кина ги критикува САД поради зголемените тензии на јужниот Пацифик

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин

Кина го критикуваше говорот на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој се фокусираше на односите меѓу двете најголеми економски сили во светот, велејќи дека Соединетите Држави се обидуваат да ја омаловажат репутацијата на Пекинг.

Во обраќањето на 26 мај, Блинкен рече дека администрацијата на претседателот Џо Бајден сака да го предводи меѓународниот блок што се противи на руската инвазија на Украина во поширока коалиција за да се спротивстави на она што тој го гледа како посериозна, долгорочна закана за глобалниот поредок од Кина.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, одговори дека САД „во суштина шират дезинформации“ и „ја клеветат внатрешната и надворешната политика на Кина“.

Од министерството велат дека целта на говорот на Блинкен била „да се ограничи и потисне развојот на Кина и да се одржи хегемонијата на САД“.

„Што се однесува до меѓународниот поредок заснован на правилата за кои се залагаат Соединетите Држави, сите луѓе можат да видат дека тие не се ништо друго освен правила формулирани од Соединетите Држави и неколку други земји со цел да се одржи меѓународен поредок во кој доминираат Соединетите Држави“, изјави портпаролот Ванг.

Во својот говор во Вашингтон, Блинкен наведе пристап од три столба кон администрацијата за да ги насочи своите ресурси и сојузници во одвраќање на кинеското влијание ширум светот.

„Инвестирањето во домашната инфраструктура и технологијата на САД заедно со засилените дипломатски контакти со потенцијално ранливите земји се меѓу клучните политички елементи“, рече Блинкен.

Тој рече дека Соединетите Држави не се обидуваат да го променат кинескиот политички систем, туку „ќе го обликуваат стратешкото опкружување околу Пекинг со цел да ја подобрат нашата визија за отворен и инклузивен меѓународен систем“.

Кина одби да ја осуди руската инвазија на Украина, па дури и да ја опише на тој начин, поради почит кон Москва.