Турција бара Шведска и Финска да преземат „конкретни чекори“за влез во НАТО

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека Шведска и Финска мора да преземат „конкретни чекори“ за да ги смират безбедносните грижи на неговата земја со цел да се надминат приговорите на Анкара за нивната кандидатура за НАТО.

Чавушоглу рече дека делегациите на двете нордиски земји се вратиле дома со барањата на Турција по посетата оваа недела и дека Анкара ги чека нивните одговори.

За аспирациите на земјите за членство е потребна поддршка од сите земји од НАТО, но Турција се противи на влезот на Шведска и Финска. Како причина Анкара ја наведува наводната поддршка за курдските милитанти кои Турција ги смета за терористи, но и ограничувањата за продажба на оружје на Турција.


Двете нордиски земји ги отфрлија тврдењата на Турција.

Чавушоглу инсистираше на тоа дека „овие земји мора да преземат конкретни чекори“ наведувајќи дека не е исправен пристапот „како и да е навреме ќе ја убедиме Турција, ние сме пријатели и сојузници“.

Турскиот министер за надворешни работи додаде дека ја разбираат загриженоста за безбедноста на Финска и Шведска, но дека „сите мора да ги разберат и легитимните безбедносни грижи на Турција“.

Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО по руската инвазија на соседна Украина.