Русија протерува пет хрватски дипломати поради „непријателски дејствија“

Протест пред руската амбасада во Загреб поради инвазијата на Украина, 24 февруари 2022 година.

Русија протерува пет хрватски дипломати поради „непријателските дејствија“ преземени од Загреб против Москва, вклучително и протерувањето на 24 руски дипломати од Хрватска во април.

Министерството за надворешни работи во денешното соопштение наведе дека го повикало хрватскиот амбасадор во Москва за да го информира за потегот преземен „во врска со неоснованите обиди на хрватските власти да ја обвинат Русија за воени злосторства во Украина и обезбедувањето воена помош од хрватската страна на неонацистичкиот режим во Киев“.

Во соопштението не се наведува за колку време дипломатите треба да ја напуштат Русија.

Хрватска пак ги протера руските дипломати во април како одговор на неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина која влезе во четвртиот месец.