Проруските сепаратисти соопштија дека го зазеле градот Лиман во источна Украина

Луѓе во автобус за време на евакуацијата во близина на Лиман, регионот Доњецк, 11 мај 2022 година

Проруските сепаратисти од самопрогласената Народна Република Доњецк соопштија дека воспоставиле целосна контрола над стратешкиот град Лиман во источна Украина, пренесе Ројтерс.

Украинските и руските сили се бореа неколку дена за овој град во регионот на Донбас.

Ројтерс не можеше веднаш да ја потврди таа информација.

Ова се случува о време кога руските сили ја засилија нивната офанзива во најисточниот украински дел во Донбас. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва дека извршила „геноцид“ на исток, каде Русите напредувале кон клучните збратимени градови Северодонецк и Лисичанск, и го повика Западот „да престане да си игра“ со Русија и да помогне да се стави крај на војната.

Русија започна инвазија на соседна Украина на 24 февруари. Европската унија, САД и другите западни земји возвратија со санкции против Русија во обид да го запрат нејзиниот напад врз Украина.