Турската централна банка не ги зголемува каматите и покрај огромната инфлација

Илустрација: Лири и долари

Турската централна банка ја задржа непроменета основната каматна стапка петти месец по ред, и покрај годишната стапка на инфлација од скоро 70 отсто.

Банката соопшти дека ќе ја задржи својата референтна каматна стапка „константна“ на 14 отсто и дека инфлацијата е водена од геополитичкиот развој и „привремените ефекти на формирањето на цените“.

Банката очекува дека инфлацијата ќе забави со мерките за стабилност на цените и по смирување на „регионалниот конфликт“, мислејќи на руската инвазија врз Украина.

Годишната инфлација во април достигна 69,97 отсто, продлабочувајќи го притисокот врз домаќинствата кои веќе немаат доволно пари и за основните намирници.

Одлуката на централната банка уследи по дополнителниот пад на турската лира.
Од почетокот на годината, лирата изгуби околу 18 отсто од вредноста во однос на доларот.