Вигенин - Во моментов нема причина Бугарија да го укине ветото

Кристиан Вигенин

Потпретседателот на бугарското Собрание, Кристиан Вигенин смета дека е неопходно е да се свика ново заседание на бугарскиот Консултативен совет за национална безбедност посветено на темата за Северна Македонија, бидејќи тоа прашање е „доволно контроверзно“, а само бугарскиот претседателот Румен Радев на иста маса да ги собере сите партии.

Вигенин, кој е член на Бугарската социјалистичка партија (БСП) и поранешен министер за надворешни работи, смета дека заклучоците на Советот би можеле потоа да бидат поддржани со одлука на Собранието или Владата на Бугарија. Тој сепак смета дека е неприфатлив ставот на премиерот на Бугарија, Кирил Петков да се свика ново заседание на Советот само за да се види дали има некаков позитивен план за развој на односите.


Вигенин додава дека во моментов Бугарија нема причина да го укине ветото за старт на преговорите за членство на земјава во ЕУ, бидејќи, како што вели, до „денешниот датум не е постигнат никаков напредок“.

„Денеска немаме причина да кажеме дека треба да се укине ветото. Ако ништо не се случи, нема шанси да го укинеме ветото. Ние мора да ги оствариме нашите цели. Тоа е ставот на БСП, додаде Вигенин.

БСП, чиј лидер е вицепремиерката и министерка за економија и индустрија Корнелија Нинова, е втора по големина партија во бугарската владина коалиција, предводена од „Продолжуваме со промената“ на премиерот Кирил Петков.