Светска банка предупредува на можна глобална рецесија поради војната во Украина

Илустративн фотографија

Претседателот на Светска банка Дејвид Малпас денеска изјави дека руската војна во Украина и нејзиното влијание врз цените на храната и енергијата, како и достапноста на ѓубрива, може да предизвикаат глобална рецесија.

Малпас на настанот организиран од Американската стопанска комора рече дека германската економија, четврта по големина во светот, веќе е значително забавена поради повисоките цени на енергијата и дека падот на производството на вештачки ѓубрива може да ја влоши ситуацијата во другите делови на светот.

„Гледајќи го глобалниот бруто домашен производ, тешко е да се каже како можеме да избегнеме рецесија“, рече Малпас, без да даде подетална прогноза.

Тој рече дека се очекува значително намалување на економиите на Украина и Русија, додека Европа, Кина и САД ќе доживеат забавување на економскиот раст.

Земјите во развој се посериозно погодени од недостаток на ѓубрива, недоволно снабдување со храна и недоволно снабдување со енергија.

„Самата идеја за двојно зголемување на цените на енергијата е доволна за да предизвика рецесија“, рече Малпас.

Минатиот месец, Светска банка го намали проектираниот глобален економски раст на 3,2 отсто од 4,1 отсто поради воената акција на Русија во Украина.

Малпас не зборуваше детално за тоа кога би можела да започне глобалната рецесија.

Руската воена инвазија на Украина влезе во четвртиот месец.