Кулеба повика да се „убие рускиот извоз“

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги повика владите и компаниите да го „убијат рускиот извоз“ како начин да се помогне Москва да стави крај на војната против Украина.

„Мојата порака е многу едноставна. Убијте го рускиот извоз“, рече Кулеба денеска на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.

Десетици големи меѓународни компании ја напуштија Русија откако таа ја започна војната против Украина на 24 февруари, а Европската унија, САД и многу западни сојузници воведоа остри санкции против Москва и против руски политичари и милијардери.

Но, Кулеба вели дека мора да се направи повеќе, затоа што, како што вели, влијанието на војната врз Украина сè уште е многу поголемо од потезите на Западот против Русија.

Тој вели дека економијата на Украина повеќе страда од руското уништување и напади, отколку што руската економија трпи од санкциите.

„Сè додека Русија заработува од продажба на нафта и гас, нивните џебови се прилично полни“, додаде тој.

Европската унија моментално работи на предлог за забрана на увоз на руска нафта и гас, но неколку земји, особено Унгарија, рекоа дека ќе им треба помош и преоден период за да ја прифатат мерката.