И Најк ја напушта Русија поради војната во Украина

Илустративна фотографија

Американскиот гигант за спортска облека Најк и британскиот бренд Маркс & Спенсер (M&S) соопштија дека го напуштаат рускиот пазар поради инвазијата на Москва на Украина.

„Најк“ соопшти дека нема да го продолжи договорот за франшиза со руската ИРГ, најголемиот трговец на мало на производи Најк во земјата.

Главниот извршен директор на ИРГ, Тихон Смиков, во денешното писмо до вработените посочил дека „откако ќе се продаде целата стока, ИРГ ќе мора да ги затвори сите свои продавници што се под името [Најк]“.

На почетокот на март, Најк ја суспендираше онлајн продажбата во Русија, а неколку дена подоцна привремено ги затвори сите свои продавници во земјата, вклучително и оние што работат со договори за франшиза. Најк беше активен на рускиот пазар 28 години.


M&S, специјализирана за продажба на облека, убавина, домашни производи и храна, исто така денеска објави дека целосно ќе ги прекине своите операции во Русија, откако ги суспендираше на почетокот на март.

М&С соопшти дека не може да ги увезува своите стоки во Русија поради војната во Украина.

Десетици големи меѓународни компании од широк опсег на сектори ја напуштија Русија откако таа ја започна војната против Украина на 24 февруари. Меѓу нив се Старбакс и Мекдоналдс кои во изминатите 10 дена објавија дека ја напуштаат Русија.