Грчкиот министер за надворешни работи Дендиас утре во посета на Скопје

Дополнително зајакнување на билатералните односи во сите области, европската перспектива на Северна Македонија, спроведувањето на Договорот од Преспа, случувањата на Балканот, во Источниот Медитеран, како и ситуацијата во Украина, се очекува да бидат темите за кои министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас ќе разговара со неговите домаќини во Скопје, соопшти грчкото МНР.

Шефот на грчката дипломатија, утре ќе биде во еднодневна посета на Северна Македонија, ќе се сретне со министерот за надворешни работи Бујар Османи, по што, во попладневните часови ќе следат и изјави за медиумите, ќе биде примен од премиерот Димитар Ковачевски, а ќе присуствува и на работна вечера организирана од Османи и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

„За време на посетата на министерот за надворешни работи, се очекува разговорите да се фокусираат на целосното, доследно и добронамерно спроведување на Договорот од Преспа, на дополнителното зајакнување на билатералните односи во сите области, вклучително и економијата, трговијата и енергетиката, како и на европската перспектива на Северна Македонија. Дополнително, во разговорите се очекува да бидат опфатени и случувањата на Западен Балкан и Источниот Медитеран, како и ситуацијата во Украина по руската инвазија“, соопштија од грчкото МНР во пресрет на посетата.

Дополнително, во соопштението е наведено постсетување дека ова е трета посета на Дендиас на Скопје, кој претходно беше во главниот град во ноември 2019 и август 2021 година, а неговиот колега Османи ја посети Атина во јануари 2021.