Старбакс го напушта рускиот пазар поради војната во Украина

Илустративна фотографија - Старбакс

Корпорацијата Старбакс соопшти дека ќе ги затвори своите 130 продавници во Русија и по речиси 15 години ќе го напушти пазарот поради војната против Украина.

Гигантот за кафе со седиште во Сиетл денеска ги информираше своите вработени дека ќе ги затвори своите операции во Русија, иако компанијата ќе продолжи шест месеци да им плаќа на своите речиси 2.000 руски вработени, за да им помогне додека бараат нови работни места.

„Старбакс донесе одлука да излезе и брендот повеќе да не биде присутен на пазарот“, се вели во соопштението на компанијата.

Десетици големи меѓународни компании од широк опсег на сектори ја напуштија Русија откако таа ја започна војната против Украина на 24 февруари.

Мекдоналдс на 19 мај објави дека потпишал договор за продажба на својот бизнис во Русија на локален носител на лиценца, на којшто ќе му го даде целото портфолио на глобалниот гигант за брза храна во земјата и ќе му овозможи да работи со рестораните под нов бренд.

Старбакс работи во Русија од 2007 година.