Притвор од 30 дена за наставник од Струмица за полов напад врз дете

Илустрација

Притвор од 30 дена доби наставник од Струмица поради сомнение за полов напад врз девојче помладо од 14 години, соопшти јавното обвинителство.

Во нивното соопштение е наведено дека 40 годишниот наставник е осомничен дека во периодот од октомври 2020 до април 2022 година преку социјална мрежа фејсбук праќал пораки на малолетна ученичка во училиштето, со кои сакал да ја наведе на сексуален однос, а во два наврати и ја допирал по телото.

„Осомничениот, наставник во основно училиште во струмичко, во периодот од октомври 2020 година до мај 2022 година, преку социјална мрежа испраќал пораки со експлицитна сексуална содржина на ученичка која немала наполнето 14 години. Искористувајќи прилика кога останале сами во спортската сала на училиштето, тој во два наврати извршил и други полови дејствија, допирајќи ја и бакнувајќи ја оштетената“, се вели во соопштението на ОЈО.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струмица доставил предлог за определување мерка притвор, бидејќи постои опасност тој да се даде во бегство, да влијае врз сведоци или да го повтори делото. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.