Бранителите на Азовстал добиле наредба да престанат да се борат

Војници во Азовстал

Последните украински војници во фабриката за челик Азовстал во Мариупол велат дека Киев им „наредил“ да престанат со борбите додека Русија го интензивира нападот врз источна Украина, гаѓајќи го Донбас, за кој претседателот Володимир Зеленски рече дека сега изгледа како „пекол“.

„Вишата воена команда даде наредба да се спасат животите на нашите војници и да се запре одбраната на градот“, соопшти на Телеграм Денис Прокопенко, командант на баталјонот кој ги предводеше војниците на Азовстал.

„Цивилите беа евакуирани. На тешко ранетите им беше укажана потребната помош и тие беа евакуирани, за подоцна да бидат разменети и испорачани на територијата под контрола на Украина“, додаде Прокопенко.

Тој рече дека процесот на пренесување на загинатите од Азовстал се уште трае и дека „се надева дека во блиска иднина роднините и Украина ќе можат со чест да ги погребаат своите војници“.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека досега се предале речиси 2.000 украински борци кои се криеле во фабриката за челик.

„Блокадата на фабриката Азовстал продолжува“, рече Шојгу. „Националистите активно се предаваат на заробеништво“, рече тој, мислејќи на украинските борци. „Во овој момент 1.908 луѓе го положија оружјето“.

Украинските власти не ја потврдија бројката.

Војниците кои го напуштиле Азовстал, вклучувајќи ги и ранетите, наводно биле префрлени на територијата поддржана од Русија во источна Украина.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека стотици украински борци кои ја напуштиле фабриката Азовстал во Мариупол биле регистрирани како воени заробеници.

Киев изрази надеж дека борците ќе бидат разменети за руски затвореници, но властите во Доњецк поддржани од Москва предложија на некои од нив да им се суди.