Владата го овласти амбасадорот Талески да изрази согласност за приемот на Шведска и Финска во НАТО

Знамињата на Шведска, Финска и НАТО.

Владата на денешната вонредна, 46-та седница донела одлука да го овласти постојаниот претставник на нашата земја во НАТО, амбасадорот Дане Талески, да даде согласност за прием на Кралството Шведска и Република Финска за членство во НАТО., соопшти владина прес служба.

Шефот на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Финска и Шведска официјално поднеле барање за членство во Западната алијанса поради загриженоста за руската војна во Украина.

„Топло ги поздравувам барањата на Финска и Шведска за влез во НАТО. Вие сте нашите најблиски партнери“, им рече Столтенберг на новинарите на 18 мај, откако ги прими писмата за апликација од амбасадорите на двете нордиски земји. НАТО го оцени потегот како „историски ден“.

Со апликацијата започна процес кој се очекува да трае неколку недели, иако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази резервираност за приклучувањето на Финска и Шведска.