Русија ќе протера француски и италијански дипломати

Илустрација

Русија најави протерување на десетици француски и италијански дипломати како „одмазднички“ потег за нивните слични дејствија, како дел од координираната европска акција поради руската кампања во Украина.

Министерството за надворешни работи во Москва денеска соопшти дека го информирало францускиот амбасадор дека 34 вработени во француските „дипломатски институции во Русија“ се прогласени за персона нон грата и дека мора да ја напуштат земјата во рок од две недели. Исто така денеска Министерството соопшти дека 24 италијански дипломати, исто така, биле протерани поради слични причини.

Италијанскиот премиер Марио Драги ја нарече одлуката „непријателски чин“ за кој рече дека „апсолутно не смее да доведе до прекин на дипломатските канали бидејќи токму преку тие канали, ако успеат, ќе се постигне мир и дека „секако“ тоа го сакаат.

Франција, која во април избрка 35 Руси со дипломатски статус, денеска го осуди потегот на Москва. Истовремено, Рим ја информирал Москва дека на 30 руски дипломати им било кажано да ја напуштат земјата „поради национални безбедносни причини“.