Полска - На Унгарија и требаат пари од ЕУ

Полскиот претседател Анджеј Дуда

На Унгарија и треба да се отворат пакет средства од Европската унија за да може да ги диверзифицира своите енергетски резерви. Ова денеска го изјави полскиот претседател Анджеј Дуда на прес конференција со неговата унгарска колешка Каталин Новак. Дуда понудил одредена поддршка за земјата која ја блокираше предложената забрана на ЕУ за руската нафта поради страв од економски последици.

Новата претседателка на Унгарија ја осуди „агресијата“ на Путин

Дуда изјави дека се надева оти предложениот нов пакет санкции на ЕУ за Русија - вклучително и забраната за нафта - може да биде одобрен со согласност на Унгарија.

Унгарија вели дека и се потребни стотици милиони евра за надградба на нејзината енергетска и гасоводна инфраструктура за да може да прекине со употреба на руската нафта. Таа додава дека целосната модернизација на нејзиниот енергетски систем би чинела милијарди евра.

Фон дер Лајен: Постигнат напредок со Унгарија во врска со ембаргото на руската нафта

Повеќето други земји од ЕУ ја поддржуваат забраната на руската нафта во рамките на шестиот пакет санкции дизајнирани да ја казнат Москва поради воениот напад врз Украина. Но, за таквата одлука потребна е едногласност, а Унгарија е најгласниот критичар.

„Ве молиме запомнете дека на Унгарците ќе им биде тешко да се диверзифицираат доколку европските фондови за закрепнување останат блокирани“, рече Дуда, додавајќи дека енергетските врски на Будимпешта со Москва се основни за економијата и не можат да се променат преку ноќ.

Европската комисија ги замрзна парите наменети за закрепнување од пандемијата за Унгарија и Полска по спорот околу владеењето на правото.

Унгарскиот претседател Каталин Новак изјави дека на земја и е потребна енергетска диверзификација заедно со фондовите на ЕУ.

„Во најдобар интерес на Унгарија е да има многу извори на енергија, тоа ни треба за нашиот суверенитет. За тоа ни се потребни фондовите на ЕУ и бараме од претседателот Дуда да не поддржи“, изјави Новак.