Белоруската полиција приведе издавач по отворање на нова книжарница

Белоруската полиција го приведе директорот на издавачка куќа, Андреј Јанушкевич, и неговата соработничка, Наста Карнацкаја еден ден откако отворија книжарница во главниот град Минск. Јанушкевич и Карнацкаја беа приведени вчера веднаш по посетата на познатите про-владини пропагандисти новинари Рихор Азаронак и Људмила Хладкаја со кои влегле во вербална расправија.

Според очевидци расправијата ја започнале Азаронак и Хладкаја кои ги нападнале вработените во книжарницата за продажба на книги на белоруски јазик за кои тие сметале дека се несоодветни. Проблемот било зошто во книжарницата се продавала книга за семејството Раџивил кое влијаело врз низа историски настани во области кои денеска се дел од Литванија, Полска и Белорусија.

Неколку часа по посетата на двајцата новинари, полицијата пристигнала во книжарницата и извршила претрес, по што Јанушкевич и Карнацкаја биле приведени, а нивните семејства немаат информација за причините за приведувањето.

Белоруската опозициска лидерка во Вашингтон во потрага по поддршка за демократското движење во Белорусија

Издавачката куќа Јанушкевич издава книги на различни теми на белоруски јазик. Во последниве месеци, белоруските власти ги суспендираа активностите на неколку белоруски независни издавачки куќи -- Лимарјус, Книхазбор, Халијафи и Медисонт -- поради „прекршување на прописите за регистрација во Министерството за информации“.

Лукашенко со уставни измени си обезбедува имунитет

Репресијата врз независните медиуми и издавачките куќи се интензивираше во земјата по минатогодишните масовни антивладини протести по претседателските избори во август 2020 година.

Авторитарниот белоруски владетел Александар Лукашенко прогласи победа, но опозицијата и западните земји не ја признаат неговата победа, затоа што тврдат дека се наместени изборните резултати.