Стотици приведени на антивладини протести во Ерменија

Полицијата апси демонстранти кои ги блокираа улиците на Ереван, протестирајќи против актуелната власт.

Ерменската полиција уапси стотици демонстранти кои се обидоа да ги блокираат улиците во Ереван, додека протестите предводени од опозицијата продолжуваат во обид да го принудат премиерот Никол Пашинијан да ја напушти функцијата.

Протестите организирани од страна на опозицијата се одржуваат од 17 април и ја повикаа јавноста да изврши акти на граѓанска непослушност, обвинувајќи го Пашинијан за, како што велат, неприфатливи отстапки направени за време на преговорите со Азербејџан за спорниот регион Нагорно-Карабах.

Пашинијан се соочи со тешки критики откако тој и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев минатиот месец во Брисел се договорија да започнат со изготвување мировен договор за решавање на конфликтот во Нагорно-Карабах и да формираат заедничка комисија за демаркација на нивната заедничка граница.

Утрото на 17 мај, стотици поддржувачи на опозицијата се обидоа да ги блокираат улиците низ центарот на Ереван. Ерменскиот полициски оддел соопшти дека „286 лица кои не ги послушале законските барања на агентите за спроведување на законот“ биле приведени.

Неколку часа подоцна, Ерменскиот сервис на РСЕ објави дека бројот на приведените се искачил над 400. Претходниот ден полицијата приведе речиси 100 возачи кои учествуваа на собир со автомобили во Ереван.