Љусја Штеин од „Пуси Рајот“ ставена на листата на барани лица во Русија

Членката на руската група „Пуси Рајот“ Љусја Штеин (лево)

Членката на руската група „Пуси Рајот“ Љусја Штеин е ставена на списокот за апсење на руското Министерство за внатрешни работи (МВП).

Нејзиното име е запишано во регистарот на барани осомничени на Министерството на 16 мај, а се бара за кршење на казната слична на условна слобода што и беше изречена минатиот август за кршење на безбедносните мерки за коронавирусот со тоа што ги повика луѓето да протестираат против притворањето на опозицискиот политичар Алексеј Навални.

Отворената критичарка на руската инвазија на Украина ја напушти земјата минатиот месец, откако вратата на нејзиниот стан беше означена со налепница во форма на буквата „Z“ заедно со слоганот „Соработник. Не ја продавај татковина“, во очигледен обид за заплашување.

Многу руски воени возила и тенкови беа означени со оваа буква за време на тековната инвазија, при што ознаките стануваат сè поприсутен симбол за поддршка за војната која започна во февруари.

Минатата недела, партнерката на Штајн и основачка на „Пуси Рајот“, Марија Аљохина, изјави за Њујорк Тајмс дека и таа ја напуштила Русија откако московскиот суд минатиот месец го променил остатокот од нејзината едногодишна условна казна во вистински затвор, со наводи дека ги прекршила условите на нејзината казна.

Аљохина, Штајн и другите членови на групата беа осудени на 15 дена затвор неколку пати во последните месеци поради учество во протестни акции и неодобрени собири.

„Пуси Рајот“ стана актуелена откако тројца нејзини членови беа осудени за „хулиганство мотивирано од верска омраза“ откако упаднаа во московската катедрала и пееја „панк молитва“ против Владимир Путин, кој тогаш беше премиер.

Аљохина и уште една членка на бендот, Надежда Толокоњикова, речиси го завршија отслужувањето на двегодишната затворска казна кога беа ослободени во декември 2013 година, со амнестија. И двете го отфрлија потегот нарекувајќи го пропаганден трик на Путин за подобрување на неговиот имиџ пред Зимските олимписки игри во 2014 година, во руското одморалиште Сочи.