Шведска ќе аплицира за членство во НАТО

Шведската премиерка Магдалена Андерсон

Шведската влада денеска донесе официјална одлука дека ќе поднесе барање за членство во НАТО, следејќи ги стапките на соседна Финска, потег што ќе ја прецрта геополитичката карта на северна Европа.

„Шведска ќе поднесе барање за членство во НАТО како средство за одвраќање на руската агресија, изјави шведската премиерка Магдалена Андерсон, истакнувајќи дека сè уште не гледа директна воена закана за земјата.

Таа нагласи дека владата одлучила да го информира НАТО дека Шведска сака да стане членка на алијансата.

„Шведскиот амбасадор во Алијансата наскоро ќе го информира НАТО“, им рече Андерсон на новинарите еден ден откако од Финска стигна слична изјава.

Датумот на пријавување за членство се уште не е одреден, бидејќи Шведска, како што наведе таа, својата апликација ќе ја испрати заедно со Финска.

„Во шведскиот парламент има големо мнозинство кое е за влез во НАТО“, изјави премиерката Магдалена Андерсон по дебатата за безбедносната политика во парламентот, пренесува Ројтерс.

Руската инвазија на Украина, која Москва ја нарекува „специјална операција“, ги истакна ранливостите на Шведска и Финска и покрај нивната блиска соработка со НАТО во последниве години. Таа ги охрабри да ги преиспитаат своите безбедносни потреби и да бараат безбедност во НАТО.

Најавата на Финска и Шведска за кандидатурата за членство во трансатлантската алијанса предизвика закани за одмазда од Москва и приговори од Турција, членка на НАТО.

Секоја одлука за проширување на НАТО бара одобрение од сите 30 членки на алијансата и нивните парламенти, но дипломатите рекоа дека Ердоган ќе биде под притисок да попушти бидејќи Финска и Шведска во голема мера ќе го зајакнат НАТО во Балтичкото Море.