Мекдоналдс и Рено излегуваат од Русија поради Украина

Илустративна фотографија/ Подружница на Рено во Русија

Глобалниот гигант за брза храна Мекдоналдс и францускиот производител на автомобили Рено станаа најновите големи корпорации кои најавија заминување од Русија, придружувајќи им се на десетици други поради неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина.

Мекдоналдс со седиште во САД во соопштението од своето корпоративно седиште во Чикаго на 16 мај вели дека по повеќе од 30 години работење во Русија, ќе излезе од рускиот пазар и започна процес за продажба на својот руски бизнис.

Десетици големи меѓународни компании од многу сектори ја напуштија Русија откако таа ја започна својата инвазија на Украина на 24 февруари.

„Хуманитарната криза предизвикана од војната во Украина и растечкото непредвидливо опкружување при работењето, го наведоа Мекдоналдс да заклучи дека континуираната сопственост на бизнисот во Русија повеќе не е одржлива, ниту е во согласност со вредностите на Мекдоналдс“, се вели во соопштението.

„Како дел од одлуката на Мекдоналдс за излез, Компанијата продолжува со продажба на целото свое портфолио на ресторани на Мекдоналдс во Русија на локален купувач“, се додава во соопштението.

Соопштението дојде истиот ден кога Рено соопшти дека постигнал договор за продажба на своите руски акции, вклучувајќи го и контролниот пакет во АвтоВАЗ, производителот на возилата Лада.

Рено соопшти дека го продава својот сто процентен удел во Рено Русија на градот Москва, додека неговиот 67,69 отсто удел во АвтоВАЗ ќе биде продаден на државниот истражувачки институт НАМИ(Централниот институт за истражување и развој за автомобили и мотори) со одредба за откуп на тој удел „во одредени периоди во текот на следните 6 години“.

„Денес, донесовме тешка, но неопходна одлука и правиме одговорен избор кон нашите 45.000 вработени во Русија, истовремено зачувувајќи ги перформансите на Групацијата и нашата способност да се вратиме во земјата во иднина, во поинаков контекст“, изјави Лука Де Мео, се наведува во соопштението на главниот извршен директор на Групацијата Рено.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, по најавата дека производството на патнички автомобили под брендот „Москвич“ ќе продолжи во фабриката на Рено во Москва, изјави дека не можеле да дозволат „илјадници работници да останат без работа“.

Рускиот производител на камиони КамАЗ ќе стане технички партнер во фабриката, додаде тој.

Мекдоналдс пак директно управуваше со повеќе од 80 отсто од рестораните во Русија кои го носат името на компанијата, на што отпаѓа околу 9 отсто од приходите и 3 отсто од оперативниот профит.

Во светот, Мекдоналдс имаат повеќе од 39.000 локации во над 100 земји.