Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за „следните чекори“ со блокадата

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе расправа за следните чекори на оваа партија по блокадата на работата на македонскиот парламент.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за денеска најави седница на Извршниот комитет за следните чекори на оваа партија по блокадата на работата на македонскиот парламент. „Ова е стратегија што многу ќе трае. Нема да биде инстант акција која што ќе заврши денеска или утре“, изјави Мицкоски при посетата на Општина Кисела Вода, додавајќи дека конечна цел е утврдување датум за предвремени парламентарни избори.

Некултура и неред во Собранието кое стана арена за тесно-партиски битки

Тој рече дека остануваат на ставот да ги блокираат сите закони кои ВМРО-ДПМНЕ ги смета за штетни, но оти нема да бидат блокирани оние законски решенија кои се од интерес на граѓаните. Премиерот Димитар Ковачевски пак оцени дека и покрај бојкотот и блокадите на ВМРО-ДПМНЕ, Собранието функционира, потсетувајќи дека на собраниската седница во четвртокот беше усвоен дневниот ред, а во петокот на собраниска Комисија беа утврдени кандидати за нови судии во Уставниот суд. Според него, несериозно е да се бојкотира Собранието во услови на најголема светска енергетска криза и ги повика сите пратениците да покажат одговорност.