Прв конгрес на Алтернатива, Гаши доби нов мандат

Африм Гаши

Претседателот на Алтернатива Африм Гаши доби нов четиригодишен мандат, на конгрес на партијата којшто беше одржан денеска.

Тој по изборот им се заблагодари на сите членови на партијата и рече дека тоа е за него „голема чест и одговорност.“

„Мислам дека Алтернатива станува еден од најсериозните политички субјекти со намера да придонесе во севкупните политички процеси во државата“, изјави Гаши по одржувањето на конгресот.

Алтернатива стана дел од владината коалиција составена од СДСМ, ДУИ и ДПА за која Собранието гласаше во јануари, а кога со нејзиното приклучување владиното мнозинство беше зголемено на 64 пратеници, откако претходно Беса ја напушти претходната влада.

Ова беше прв конгрес на Алтернатива, на кој присуствуваа и премиерот Димитар Ковачевски, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, претставници на политички партии од земјава, од Албанија и Косово и претставници од дипломатскиот кор.