НАТО верува во консензус за пристапувањето на Финска и Шведска

Логото на НАТО на влезот на новото седиште на НАТО

Заменик генералниот секретар на НАТО изјави дека е убеден оти загриженоста на Турција во врска со пристапувањето на Финска и Шведска во Алијансата може да се реши.

„Турција е важен сојузник и изрази загриженост која се решава меѓу пријателите и сојузниците“, изјави денеска пред новинарите Мирчеа Џоана на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Берлин.

„Убеден сум дека ако овие земји решат да бараат членство во НАТО, ќе можеме да им посакаме добредојде“, рече тој.

Финска и Шведска се подготвуваат да аплицираат за членство во трансатлантската алијанса како одговор на фундаментално променетата безбедносна ситуација поради руската инвазија на Украина. Тоа предизвика закани за одмазда од Москва и приговори од Турција, која е членка на НАТО.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, по пристигнувањето во Берлин на 14-ти мај, изјави дека е „неприфатливо и нечуено“ за идните нови членки на НАТО да ја поддржат курдската милитантна група на ПКК, што потенцијално го комплицира проширувањето на алијансата.

„Проблемот е што овие две земји отворено ја поддржуваат и соработуваат со ПКК. Тоа се терористички организации кои секојдневно ги напаѓаат нашите војници“, рече Чавушоглу.

Портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 14 мај изјави дека Турција не ја затворила вратата за влез на Шведска и Финска во НАТО, но дека сака преговори со нордиските земји и сузбивање на, како што смета, терористичките активности.