Абазовиќ - Шверцот на цигари преку пристаништето Бар е клинички мртов

Пристаништето во Бар.

Шверцот на цигари низ пристаништето Бар е клинички мртов, изјави денеска премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ по повод полициската акција во слободната зона на пристаништето Бар, каде почна заплената на околу 145.000 пакувања цигари.

Вредноста на цигарите се проценува на десетици милиони евра.

„Ова никогаш не била државна работа, тоа е голема измама што се пласира. Овој процес го завршуваме денеска. Ќе започне транспортниот процес кој ќе трае неколку дена. Како што ветивме, ќе се бориме со секаков вид криминал и мафија“, рече Абазовиќ.

На акцијата присуствуваа Абазовиќ, министерот за финансии Александар Дамјановиќ, министерот за внатрешни работи Филип Аџиќ, министерот без ресор Зоран Миљаниќ и директорот на Управата за приходи и царина (УПЦ) Раде Милошевиќ.

Одлуката за забрана за складирање на тутун во пристаништето Бар, во јуни и декември минатата година ја донесе претходната Влада на Здравко Кривокапиќ, а на сопствениците на цигари им беше даден рок да ги отстранат од пристанишните магацини.

Откако пред неколку месеци истекоа и продолжените рокови за извоз на тутунски производи, УПК ѝ наложи на Царинарницата на Бар да ги одземе тутунските производи во залиха.

Абазовиќ рече и дека нивната намера е да се постави легална инфраструктура и продажба на цигари и од тоа да се плни буџетот.

Слободната зона во пристаништето Бар со години е означена како место за шверц на цигари, чиј обем го посочија британските власти.

Повеќе од две милијарди пакувања цигари се шверцуваат на европските пазари секоја година само преку пристаништето Бар, рече британската амбасадорка во Црна Гора Карен Медокс на состанокот на царинските директори на регионот во Будва на 23-ти март.

Таа посочи дека проценките велат дека шверцот со цигари ја чини економијата на Западен Балкан повеќе од 300 милиони евра изгубени приходи годишно.

Во документот на Глобалната иницијатива „Жешки точки на организиран криминал во Западен Балкан“ од мај 2019 година, се наведува дека градот Бар на крајниот југ на Црна Гора, е познат како жариште за шверц со цигари.

Наводно преку Бар пристигнуваат странски брендови за реекспорт, а цигарите произведени во Црна Гора се транспортираат од Бар.

Шверцот, кој започна на почетокот на 1990-тите, се одвиваше главно преку Јадранот, кон Италија, чие обвинителство отвори истрага, во која беа опфатени петнаесет имиња од Црна Гора и Италија, меѓу кои и Мило Ѓукановиќ.

Италијанското обвинителство го покрена случајот против Ѓукановиќ во 2008 година, а подоцна и за другите.

Демократската партија на социјалистите на претседателот Мило Ѓукановиќ, која владееше три децении, до август 2020 година, со години тврдеше дека се работи за транзит на цигари.