Украина - Руските трупи се повлекуваат од Харкив

Возила на украинската армија поминуваат покрај остатоци од руски тенк во северен Харкив, петок, 13 мај 2022 година.

Украинската војска соопшти дека руските трупи се повлекуваат од областите околу Харкив, вториот по големина град во Украина, што се чини дека е последниот неуспех за воената офанзива на Москва на истокот на земјата.

Генералштабот на украинските вооружени сили денеска го објави развојот на состојбата, наведувајќи дека се чини оти руската војска се фокусира на чување на патиштата за снабдување и се обидува да ги „исцрпи украинските сили“ во украинскиот регион Доњецк.

Харкив е под силно бомбардирање на руските сили откако Русија ја нападна Украина кон крајот на февруари, но градот никогаш не падна.

Говорејќи за време на неговото ноќно обраќање на 13 мај, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека украинските сили напредуваат во напорите да се спротивстават на руската офанзива и дека претходниот ден зазеле шест градови и села.

Сепак Зеленски изјави дека иако војската на Украина прави сѐ што може за да ги истера руските сили од украинска територија, посочи дека „никој денес не може да предвиди колку долго ќе трае оваа војна“.

Руските сили претрпеа големи загуби за време на нивната инвазија на Украина која ја започнаа кон крајот на февруари, а нивната тековна офанзива на истокот на Украина оствари минимални територијални придобивки.

Но, додека Русија не успеа и во обидите брзо да ја заземе цела Украина и потоа да ги опколи украинските трупи во опколените области, Киев сега оценува дека војната влегува во „трета фаза“ во која руските сили ќе се обидат да ја одбранат заземената територија.

„Ова покажува дека тие планираат да направат долга војна“, изјави советникот на украинското Министерство за внатрешни работи Виктор Андрусив.

„Се чини дека Москва мисли дека со одолговлекување на војната, дека на овој начин може да го принуди Западот на преговарачка маса и да ја натераат Украина да попушти“, рече Андрусив.