Папата Франциск од 24 до 30 јули ќе ја посети Канада, каде повторно ќе се извини за насилството што со децении се случувало во училиштата за домородните деца под раководство на Католичката црква.
На неговото 38 патување од неговиот избор во 2013 година и третото во 2022 година, папата ќе ги посети градовите Едмонтон, Квебек и Икалуит, соопшти Матео Бруни - шеф на канцеларијата за медиуми на Светата столица.
Папата уште на почетокот на април на аудиенцијата во Ватикан ѝ се извини на делегацијата на домородните народи на Метис и Инуити и канадските бискупи, велејќи дека чувствува „болка и срам“ и побара „прошка од Бога за лошото однесување на членовите на Католичка црква."
Во последните месеци јавноста беше запрепастена по откривањето на стотици тела на анонимни деца, а канадскиот премиер Џастин Трудо на 13 мај рече дека „официјалното извинување од Католичката црква во Канада до преживеаните и нивните семејства“ би било „важен и неопходен чекор“ кон „вистинско помирување“.
На денот на Света Ана на 26 јули, кој има важно место во домородната култура, Папата треба да учествува на традиционалниот аџилак во Сент-Ана де Бопре, во близина на Квебек, кое е едно од најстарите и најпопуларни места за аџилак во Северна Америка.
Пред речиси една година, на местата на поранешните интернати кои беа повеќе од 130 во земјата, беа пронајдени над 1.300 гробови на деца со непознат идентитет. Се претпоставува дека станува збор за домородни деца кои при влегувањето во училиштата биле отсечени од семејствата, јазикот и културата.
Властите проценуваат дека се смета оти бројката на оние кои не се вратиле од интернатите се меѓу 4.000 и 6.000.
Канадската влада призна дека физичкото и сексуалното злоставување било широко распространето во училиштата, а дека учениците биле тепани затоа што го зборувале својот мајчин јазик.
Наследството на таа злоупотреба и изолацијата од семејствата на индијанските лидери се наведува како основна причина за епидемиите на зависност од алкохол и дрога во канадските резервати.