Македонски државјанин загинал во експлозија во фабрика во Словенија

Експлозијата во фабриката „Меламин“ во словенечкиот град Кочевје

Македонски државјанин е меѓу петмината загинати во вчерашната експлозија во фабриката за хемиски производи „Меламин“ во словенечкиот град Кочевје, јавија денеска словенечките медиуми.

Полициската управа на Љубљана соопшти и дека двајца од жртвите се Словенци, а двајца државјани на БиХ. Според словенечката полиција, загинатите „се уште не се идентификувани, но се знае дека тројца од нив се странци“.

Началникот на Одделението за општ криминал при СВР Љубљана, Валтер Зрински изјави дека засега се уште не може да потврди дали причина за експлозијата е човечка грешка.

Експлозијата во Кочевје, гратче со околу 8.000 жители во јужна Словенија, се случи вчера околу 8.30 часот. Фабриката „Меламин“ е основана во 1954 година и вработува околу 200 работници, а името го носи по хемикалијата што ја произведува наменета за покривање на подови и мебел.