Стејт департмент- Заврши мораториумот за косовско учество во меѓународни организации

Мораториумот со кој Косово требаше да се воздржи од аплицирање за членство во меѓународните организации истече на 4 септември 2021 година. Ова е дел од одговорот на Стејт Департментот за Гласот на Америка за коментар на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека барањето на Приштина за влез во Советот на Европа ги прекршува одредбите од Вашингтонскиот договор.

Во одговорот на портпаролот на Стејт департметот се наведува дека Косово и Србија се суверени земји кои имаат право сами да си ги одредуваат надворешно политичките приоритети.

Косово на чекор кон аплицирање за членство во Советот на Европа, Вучиќ се противи

Дел од Вашингтонскиот договор беше едногодишен мораториум на Косово да се воздржува од аплицирање за членство во меѓународните организации, а Србија да се воздржува од дипломатска кампања за повлекување на признавањето на независноста на Косово. Во продолжение е наведено дека „мораториумот е дизајниран да се прошири просторот за разговор и компромис меѓу Косово и Србија, што веруваме дека е стратешки интерес на двете земји“. Мораториумот истече на 4 септември 2021 година.

„Сè уште веруваме дека дијалогот за нормализација на односите, под покровителство на Европската унија, е клучен за двете земји да ја отклучат својата европска иднина. Повикуваме на нивно итно, флексибилно и сериозно учество во тој процес“, се додава во одговорот на Стејт департментот.

Седница на српскиот Совет за безбедност за Косово

Откако косовската министерка Доника Гервала-Шварц поднесе официјално барање за членство на Косово во Советот на Европа, претседателот Вучиќ изјави дека Приштина брутално го погазила Вашингтонскиот договор. Тој за денеска на оваа тема свика седница на Советот за национална безбедност.